На 6 декември во 18.00 часот, во просториите на Националната установа – Универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ – Штип, отворена ќе биде изложбата насловена „Стрип во Штип“. Станува збор за прва самостојна изложба на дела од деветтата уметност реализирани по текстови на штипскиот сценарист Александар Стеванов, кој годинава, пред неполни два месеца, се закити со признанието за развој и афирмација на стрипот во Македонија „Љупчо Филипов“. Илустратори на изложените десетина стрипа, односно педесетина стрип-табли, од кои дел и наградувани, се уметниците Весна Ничевска, Дарко Богданов, Елиза де Соуза, Стефан Коцевски, Кирси Салонен, Јована Велинова, Анастасија Великанова, Мирко Бојаџијевски, Наташа Коњевиќ и Катерина Николовска – Тери. Штипската публика ќе има можност да ја погледне изложбата и во текот на наредните десетина дена, колку што истата ќе биде поставена.